21-ви век, век на неограничени можности, но и на милиони закани


За времето во кое денес живееме

Светот во кој живееме се менува драматично и со многу брзо темпо. Капитализмот и пазарната економија преку своите најзначајни сили, жестокиот конкурентски натпревар за освојување нови клиенти и остварување профит, доведоа до иновации кои за само неколку стотини години, радикално ги променија животите на луѓето.

Имено, од патување со коњи, возови, автомобили, се стигна до авиони и ефтини летови, со чија помош, за релативно ниски цени, и за многу брзо време, може да се патува од едниот до другиот крај на светот. Така на пример, можно е да се појаде со децата во својот дом во Македонија, а во попладневните и вечерните часови да се постираат слики од пред Ајфеловата кула во Париз и стадионот на Реал во Мадрид. Или, од праќање информации со димни сигнали и писма преку гулаби-писмоносци, денес се дојде до ситуација во која со еден клик на компјутерот, може да се разговара со пријателот во Њујорк, Торонто, Сиднеј и сл., при што можен е и „брз трансфер на пари“ и „брза пошта“ со чија помош парите се префрлаат на личните онлајн-сметки, а производите се доставуваат и на домашни адреси, веќе и со помош на дронови. Или, денес живееме во време, во кое и од Трампов Велес, може да се стане милионер со правење бизнис во Америка, без да мора да се знае ниту песничката за Еј, Би, Си, Ди…, при што сопствените возила може да станат, такси-бизнис Uber возила, а нашите домови, Аirbnb хотелски соби! Крајно, денешното време е и време на Google translate, Google map и автономни возила, кои сами, без шофер веќе почнаа да возат, време во кое купуваме онлајн, учиме онлајн, се лечиме онлајн преку „доктор Google“и конечно време на facebook, twitter, instagram и linkedin профили, со чија помош, од нашите домови, можеме да дознаеме скоро сѐ, за секој човек, на планетава земја.

Но, исто така живееме и во време на страв од урбан тероризам, кој може да се случи секаде и секогаш, страв од компјутерски вируси, прислушување, злоупотреба на лични податоци и сл., но и во време во кое 80% од светското богатство е во рацете на само 20% од луѓето, време на ЕУ, НАТО и на обиди за спојување на западот и истокот, преку „обид за транзиција“ на голем број бивши комунистички земји, вклучително и Кина и Русија, кон пазарна економија и демократски модел на владеење, време на закани од светски и лични финансиски кризи, нуклеарна војна, мигранти и др., или крајно, време на големи и постојани стравови, фрустрации, депресии.

Да резимирам: Времето во кое живееме е време на безброј противречности. Време на неограничени можности, но и на милиони закани. Време на соработка, но и жестока конкуренција, во кое секој човек и секоја фирма на планетава, во исто време може да соработува со секого, но и да биде конкурент со секого. Време во кое има малку, многу богати и сѐ повеќе, многу сиромашни. Време во кое постојано размислуваме за минатото и правењето планови за иднината, а многу малку живееме во сегашноста. Време во кое некои постојано брзаат, а други се премногу спори. Време на титули и сертификати, во кое сите сѐ знаеме, но многу малку од нас, умееме. Време, на креирање бесконечно големи, или пак на никакви, „нулти“ очекувања за нашите животи. Време на брзи успеси и еуфории, но и на брзи паѓања и големи депресии. Време, во кое парите, наместо обична хартија која треба да ни го олесни животот, сѐ повеќе стануваат цел, сама за себе. Време во кое, сите, без исклучок, имаме многу повеќе од нашите предци, но, мнозинството од нас, снемуваме среќа. Време, во кое имаме многу виртуелни пријатели, но се чувствуваме осамени во реалниот живот. И крајно, време во кое знаеме скоро сѐ за секого, но многу малку за самите себе.

Токму, спознавањето на самите себе, преку алатките за стратегиско размислување, планирање на иднината, но живеење во сегашноста; фокусот кон себе, наспроти надворешниот свет; растот и созревањето, но задржувањето на детето во нас, преку постојано истражување, експериментирање, учење, немање страв од грешка, ризикување, радување и кога се тагува и сл.; успешното управување со очекувањата; фокусот на стекнување умеења, а не само знаења и титули, и др., се дел од темите за кои ќе се зборува во серијалот од текстови, насловени со заедничко име „Брзај полека“.

Со среќа, во потрагата по вашата лична среќа!

Игор Андреев
П.С.: Со дел од вас, се гледаме на некоја од следните обуки и/или менторски сесии!