glasot na lokalnite pretpriemaci

Гласот на локалните претприемачи

ЦЕЛИ НА ПРОЕКТОТ

Основната цел на проектот „Гласот на локалните претприемачи: истражување на степенот на задоволство на претставниците на бизнис-заедницата од локалната бизнис-клима“, е да се слушне мислењето на претприемачите, те. претставниците на бизнис-заедницата за проблемите со кои се соочуваат при нивното тековно работење, како и за тоа што тие сметаат дека е потребно и можно да се направи од страна на локалните власти, за уште повеќе да се поттикне претприемништвото и растот на малите и средните претпријатија (МСП) во македонските општини.

При тоа, во насока на добивање реална слика за доминантните перцепции и асоцијации креирани во нивната свест во однос на условите за водење бизнис во општината и пошироко, како специфични цели на истражувањето се поставени следниве:

  • Да се открие перцепцијата во однос на општата клима за водење бизнис,
  • Да се определи степенот на задоволството од поодделните аспекти на бизнис-климата на општинско ниво и поддршката на локалните власти за промоција на претприемништвото и растот на МСП,
  • Да се определи споредбен показател за перцепцијата за бизнис-климата во однос на главните конкурентски општини,
  • Да се определи довербата и степенот на лојалност на постоечките МСП спрема општините,
  • Да се обезбедат податоци кои ќе им помогнат на општинските раководства да ги откријат клучните приоритети (Priorities For Improvement-PFI), кон чија реализација треба да се насочат нивните напори за наредниот период, за дополнително подобрување на бизнис-климата во општината и забрзан раст на МСП, што во крајна линија ќе придонесе и за уште позасилен локален економски развој, во интерес на сите локални жители и
  • Да се открие трендот на индексот на задоволство на претставниците на бизнис-заедницата (доколку истражувањето се реализирало во неколку последователни години).


МЕТОДОЛОГИЈА

Прашалникот се состои од 4 групи на прашања и тоа:

  1. Прашања за утврдување на профилот на МСП,
  2. Прашања кои се однесуваат на плановите за раст на МСП,
  3. Прашања за оценка на општата клима за водење бизнис и
  4. Прашања за утврдување на степенот на задоволство од бизнис-климата на општинско ниво и поддршката на локалните власти за промоција на претприемништвото и растот на МСП.

Бројот на затворени структуирани прашања кои се однесуваат на поодделните аспекти на бизнис-климата на општинско ниво се утврдува, земајќи ги во вид и спецификите на соодветните општини. За мерење на задоволството од овие аспекти се употребува нумеричка скала со 10 степени, каде 1 означува најмал степен на задоволство (разочараност), а 10 најголем степен на задоволство (воодушевеност).

На крајот на прашалникот има и отворено прашање, на кое претставниците на МСП сосема слободно можат да предложат идеи/коментари и сл. за дополнителни мерки и/или активности, кои според нивно мислење треба, согласно законските надлежности, да ги превземат локалните власти за дополнително подобрување на локалната бизнис-клима, поттикнување на претприемништвото и зајакнување на конкурентноста на фирмите.