Prasaj gi lokalnite ziteli

Гласот на локалните жители

ЦЕЛИ НА ПРОЕКТОТ

Основната цел на проектот: „Гласот на локалните жители: истражување на степенот на задоволство на граѓаните од квалитетот на живот во општината, како и на нејзиниот постоечки имиџ“, е да се открие степенот на задоволство на граѓаните од разните аспекти кои се однесуваат на квалитетот на живот во општините, како и да се измери нивниот постоечки имиџ, за да се добие реална претстава за тоа, како жителите ја перцепираат општината во дадениот момент, или кои доминантни перцепции и асоцијации се креирани во нивната свест.

Всушност, истражувањето има за цел да придонесе:

  • Да се определи Индексот на задоволството на граѓаните (Citizen Satisfaction Index-CSI) од квалитетот на живот во општината, како најпопуларна мерка за прикажување на задоволството,
  • Да се определи довербата и степенот на лојалност на постоечките жители спрема општината,
  • Да се открие постоечкиот имиџ на општината во свеста на жителите, кои треба да послужат како основа за изработка на комуникациска стратегија за креирање на посакуваниот имиџ во наредниот период,
  • Да се обезбедат податоци кои ќе му помогнат на општинското раководство да ги открие клучните приоритети (Priorities For Improvement-PFI), кон чија реализација треба да се насочат нивните напори за наредниот период, за да се подобри квалитетот на живот на граѓаните,
  • Да се открие трендот на индексот на задоволство на граѓаните (доколку истражувањето се реализирало во неколку последователни години) и
  • Да се направи споредба на индексите на задоволство на граѓаните, со оние општини кои се вклучени во проектот „Гласот на локалните жители“, каде според истата методологија е направено истражувањето.

 

МЕТОДОЛОГИЈА

Прашалникот се состои од 4 групи на прашања и тоа:

  1. Прашања за демографските карактеристики,
  2. Прашања за степенот на целосното чувство на задоволство од квалитетот на живот во општината,
  3. Прашања за имиџот на општината и
  4. Прашања за степенот на задоволство од поодделните аспекти на квалитетот на живот во општината.

Бројот на затворени структуирани прашања кои се однесуваат на сите аспекти од квалитетот на живот на општината изнесува 31, при што се опфатени сите карактеристики кои ја сочинуваат “тоталната општинска понуда”.

За мерење на задоволството на граѓаните се употребува нумеричка скала со 10 степени, каде 1 означува многу незадоволен (разочаран), а 10 многу задоволен (воодушевен). На крајот на прашалникот има и отворено прашање, на кое граѓаните сосема слободно можат да предложат дополнителни коментари и идеи за подобрување на квалитетот на живот во општината.