„Kорисни, наспроти „штетни“ споредби со останатите луѓе

„Извинете, но вие, не сте го разбрале животот“! (Втор дел)

 

Aко ја прифатиме како точна претпоставката изнесена во првиот дел од овој текст, дека фокусот кон задоволување на наметнатите норми поставени од средината како и постојаните споредби со другите луѓе, се еден од клучните генератори за намалување на степенот на личната среќа, тогаш се поставува прашањето, зарем така не било и во минатото? Или, што е тоа што е сега многу поразлично, за да стигнеме до апсурдна ситуација во која истата корелација постои и денес, но денешниве генерации сме понесреќни од нашите предци, иако имаме многу повеќе од нив? Тоа е несомнено неограничениот пристап до информации, а со самото тоа и драстичното проширување на опкружувањето во кое растеме и под чие големо влијание се нормираат нашите животни вредности и уверувања.

Па така, ако не многу одамна, опкружувањето на мнозинството од нашите баби и дедовци го сочинувале членовите на нивните семејства, маалските и школските другари и евентуално пријателите во соседното маало, градот, максимум државата и/или регионот, опкружувањето во кое денес живееме е буквално целиот свет, благодарејќи пред сѐ на релативно евтиниот пристап до интернет, социјалните мрежи и мобилните телефони. Имено, сите ние, секојдневно сме бомбардирани со информации за денешниот ден на Трамп и Кардашијан, ранг-листите на најбогатите луѓе во светот, порастот на вредноста на Биткоинот и сл., потоа со фотографии на новите модели автомобили, атрактивните туристички дестинации и др., но и со фото-сесии од насмеани лица на нашите фејсбук-пријатели, како и на нивните пријатели, пријателите на нивните пријатели итн., со кои се прикажуваат нивните патувања, образовни достигнувања, професионални успеси, нови вработувања и сл..

 

 

Како резултат на овие случувања, денес имаме ситуација во која нашиот успех не го мериме само во однос на постигнувањата на соседите, соучениците и сл., туку и во однос на нашите пријатели на социјалните мрежи, како и на нивните пријатели, но и на Меси, Ѓоковиќ, Цукенберг и др. Ситуација во која стандардите за успех, наметнати од средината, се подигнати на исклучително високо ниво. Пример, ако пред само неколку децении една од мерките за успешност била да се има факултетска диплома, сега веќе ниту стекнувањето докторска научна титула не е доволна, па сѐ повеќе се зголемува популарноста на пост-докторските студии. Што ќе биде следно? Пост – пост – докторски студии? Или пак, завршувањето по неколку факултети, магистратури, докторати и сл.? А, од друга страна, како стандарди за успешност се промовираат и примерите на безброј реални, но и претприемачи-мафијаши кои во значителен број се со средно образование, но со огромни богатства, кои некои од нив ги стекнале за период од стотина години, а други, преку ноќ. Некои од нив ги заработиле чесно, со развој на нови иновативни производи и идеи, а други со криминал, разни малверзации и сл.!

Всушност, се зголеми видот, количината, но и интензитетот на дразбите кои доаѓаат од надворешното опкружување, и тоа во бесконечно големи размери. Со тоа, драматично се зголемија и можностите за споредби со останатите луѓе, кои, да е иронијата поголема, од една страна можат да не подбутнат напред („корисни споредби“), но од друга страна, сериозно можат да не завлечат и наназад („штетни споредби“). Или, споредбите со поуспешните од нас се корисни и не придвижуваат напред, само кога се радуваме на нивните успеси (доколку истите се реални и чесно постигнати) и овие луѓе ги третираме како позитивна конкуренција, со желба да ги стигнеме па и да соработуваме со нив, а не струполуваат во бездна, кога истите предизвикуваат љубомора, завист и сл.. Споредбите со послабите од нас, стануваат причина за наша стагнација, тогаш кога се задоволуваме со чувството на успех од моментната предност што ја имаме во однос на нив, а можат да ја зголемат нашата среќа кога ќе се обидеме да им помогнеме (се разбира до степен, до кој самите нема да си одмогнеме) за и тие да се придвижат, барем на следната скала од нивниот личен развој.

Имајќи го сето ова во вид, се добива чувство дека сите ние, во различен степен, се изгубивме во денешниот свет кој сѐ повеќе заликува на океан од информации, што создаваат неограничени можности, но и милиони закани. Свет, во кој некои од нас краткорочно успеваат, па движејќи се еуфорично по брановите на успехот, брзо потонуваат удирајќи во првата подводна карпа; други, со помош на појас за спасување пливаат над водата, но прилично бавно; трети, во недостиг на компас, воопшто немаат претстава за правците во кои се движат; а ретки се тие што „БРЗААТ ПОЛЕКА“, континуирано и стабилно движејќи се напред кон реализацијата на сопствената, јасно поставена и мотивирачка, но реална визија.

Визија и цели, кои се уникатни и единствени, но најважно од сѐ, свои, а не туѓи. Луѓе, кои секојдневно напредуваат. Кои постојано се менуваат, учејќи и од своите, но и од туѓите искуства. Кои знаат многу за случувањата во надворешното опкружување, но најмногу од сѐ, се познаваат самите себеси. Личности на кои не им е важна титулата, туку вештините што ќе ги стекнат. Кои, со многу страст го работат тоа што го сакаат, но и реално го можат. При тоа, пресметано ризикуваат и не се плашат од грешка, паѓаат, па повторно стануваат и продолжуваат понатаму. Луѓе кои успеваат максимално можно да балансираат помеѓу: планирањето на иднината и животот во сегашноста; радоста при постигнувањето успех и разочарувањата при неуспесите; желбата за пари и успешна кариера, но и повеќе слободно време за себе, своето семејство и пријателите; грижата за сопственото здравје, но и личните задоволства и др., стоејќи при тоа цврсто на земја, чекорејќи по патот на сопствената среќа.

Ова ли се всушност луѓето, кои го имаат разбрано животот во новото време? Кои имаат разбрано, дека живеењето според нормите поставени од опкружувањето со цел да се задоволат пред сѐ потребите на другите, а не своите сопствени и уникатни желби, како и постојаните „штетни споредби“ со останатите луѓе, се клучните генератори за намалување на личната среќа, но и за многу уништени и/или нецелосно искористени човечки потенцијали? Кои имаат разбрано, дека клучот за нашата среќа се наоѓа всушност во нас самите, а не, надвор од нас? Или…

Продолжува…

 

Со среќа, во потрагата по вашата лична среќа!

Игор Андреев

П.С.: Со дел од вас, се гледаме на некоја од следните обуки и/или менторски сесии!