Успех, наспроти среќа

„Извинете, но вие, не сте го разбрале животот“! (Прв дел)

Како што веќе споменав во воведниот текст, целта на овој серијал не е да креира и препорача универзален модел, те. општа дефиниција за успех и среќа. Имено, насловите од типот „20 правила за лична среќа“, „Златна формула која ќе ве направи успешни“ и сл., звучат примамливо, но и прилично нереално, со оглед на агресивноста на тврдењата дека примената на конкретните правила, ќе им донесе среќа и успех на сите седум милијарди луѓе на планетава. За разлика од нив, мојата скромна амбиција е само да се обидам да ве поттикнам на размислување за изнаоѓање нови патни правци во вашите индивидуални патувања кон личната среќа. Затоа, ќе направам напор за максимално проширување на темите за кои ќе пишувам, но, сепак тие и понатаму ќе останат со голем број отворени дилеми, по примерот на оние од славниот дијалог помеѓу легендарниот пејач на Битлси, Џон Ленон и неговите наставници, во кој на прашањето „Што сакаш да бидеш кога ќе пораснеш?“, Ленон првично одговорил „Сакам да бидам среќен!“. По ова, тие побарале друг одговор, со образложение дека „Тој, очигледно не ја сфатил поставената задача!“, на што пејачот кратко им возвратил „Извинете, но вие, не сте го разбрале животот!“.

Овој пример, само потврдува дека моментумот на почетни размислувања за концептот на лична среќа не е поврзан со возраста, ниту пак со професијата, социјалниот статус и сл.. Односно, тој може да ви стане основна животна водилка уште од најраната возраст, но голем број луѓе не успеваат да ја разберат неговата суштина за време на целиот свој живот, независно од тоа што работат, колку се успешни и др.. Всушност, сѐ зависи од вас самите, од желбата да учите, да се развивате и да трагате по изворите на вашата среќа, но и од воспитувањето и вредностите кои ви се наметнуваат од семејството, образовните институции и др. Најдобар пример за ова е и самиот Ленон, според чие сопствено признание, креирањето на оваа животна филозофија кај него била започната уште на петгодишна возраст, благодарејќи на советите на неговата мајка за значењето на „среќата како најважната работа во животот на еден човек“.

Но ајде, во обидот за разбирање на суштината на оваа негова славна реченица, да започнеме со анализа на муабетите за кои често дебатираме, а се однесуваат на разликите помеѓу времето во кое денес живееме и она во кое живееле нашите предци. Муабети кои најчесто завршуваат со заклучоци дека во споредба со нив, сите ние, независно од постоечкиот материјален статус имаме многу подобри услови за живот, но и покрај тоа, повеќето од нас снемуваме среќа. Ова е и една од карактеристиките на денешницата за кои зборував во воведот, каде на крајот го потенцирав и фактот дека, живееме во време во кое знаеме скоро сѐ за секого, но многу малку за самите себе. Токму, со поврзување на овие две констатации се доаѓа до логична претпоставка, според која, како една од можните причини за намалувањето на степенот на нашата внатрешна среќа се издвојува ставањето фокус на случувањата надвор од нас, при што како мерило за успех се прифаќаат пред сѐ нормите поставени од надворешниот свет, постојаното споредување со другите луѓе и сл.. Всушност, успехот, во голема мера бил, и сеуште е надворешна димензија бидејќи критериумите за тоа што е успех се одредуваат од надвор, те. од опкружувањето, истите се речиси универзални и важат за сите луѓе, наспроти среќата, која е внатрешна димензија на секој поединец, со најмалку седум милијарди критериуми за среќа.

Така на пример, во образовните институции, сеуште за најуспешни се сметаат учениците кои се најдобри по математика, наспроти оние кои се надарени ликовни уметници, глумци и сл. Или, во бившите социјалистички држави сеуште најголем успех е „сигурното вработување“ во јавна служба, наспроти ризичниот ангажман во приватниот сектор и уште поризичното започнување сопствен бизнис. А насекаде во светот, завршувањето факултет, особено ако е од редот на престижните како Харвард, сеуште е доказ за врвна интелегенција и највисоко човечко постигнување, а евентуалното негово предвремено напуштање е предмет на чудење, осуда, неприфање и сл. Ова, на своја кожа го има почуствувано и Бил Гејтс, кој ги прекршил воспоставените норми за успешност, па во потрага по својата лична среќа ги прекинал студиите на Харвард (кои му биле прилично здодевни), за да го започне проектот со Microsoft. При тоа, ги издржал притисоците од опкружувањето, благодарејќи пред сѐ на поддршката која ја добил од своите родители. Останатото со Microsoft е историја…

Сте се соочиле ли и вие со слични предизвици? Сте биле ли во ситуација да се почувствувате „успешно несреќни“? Пример, да размислувате да го промените постоечкото работно место, бидејќи и покрај солидните примања, статусот и мислењата на другите луѓе дека вие сте успешни и заради тоа треба да сте и среќни, вие повеќе не се чувствувате исполнети на таа позиција и сѐ повеќе загазувате во зона на хронично незадоволство, лични тензии и сл.? Јас, лично да. Најкарактеристично, при донесувањето на одлуката да ја напуштам асистентската позиција на факултет во 2012 година, после тригодишно академско искуство и тоа во момент кога за брзо време откако докторирав во 2014 година, ќе бев избран и за универзитетски професор. И, од сегашна и лична перспектива погледнато, не погрешив. Можеби не сум доволно успешен според нормите на средината (не сум професор на факултет), но среќен сум, затоа што продолжив да го одам сопствениот пат. Се разбира, во неколку наврати сум бил и во спротивна ситуација. Не сум бил доволно јак и одлучен за да се спротиставам на формулите за успешност креирани од средината, па сум продолжил да чекорам по туѓ, а не по својот пат. Резултатот бил успех, но без лична среќа. Размислете на оваа тема, при што обидете се да си одговорите и на следниве прашања: Познавате ли вие, навидум успешни, но несреќни луѓе кои се дел од вашето секојдневие? И, обратно? Јас, познавам. И тоа, во прилично голем број. Особено, во оние од првата група.

Продолжува…

Со среќа, во потрагата по вашата лична среќа!

Игор Андреев
П.С.: Со дел од вас, се гледаме на некоја од следните обуки и/или менторски сесии!