За нас

Статут на ИМИ

 

 

Претседател

Д-р Игор Андреев

Igor Andreev

БИОГРАФСКИ ПОДАТОЦИ

Додипломските студии ги завршил на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) во Скопје, а магистрирал на Економскиот факултет на Универзитетот „Св. Климент Охридски“- Битола, на фокусниот сегмент-маркетинг менаџмент од студиската програма по Бизнис администрација-МБА-менаџмент, каде во 2007 година успешно го одбранува магистерскиот труд со наслов: „Истражување на задоволството на потрошувачите во функција на новата маркетинг парадигма за партнерски односи со потрошувачите (Customer Relationship Marketing-CRM)“.

Во 2014 година, докторира на Економскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“- Скопје, креирајќи сопствена методологогија за реализација на процес на стратегиско маркетинг планирање и брендирање на населените места (држави, градови и сл.), со што станува прв и единствен доктор на науки во Р.Македонија од оваа област.

Својот образовен развој го надградува преку континуирано и активно учество на бројни конференции, семинари и тренинзи, поврзани со областите на неговиот интерес. При тоа, во периодот мај-јули 2010, реализира и тримесечен студиски престој на School of Business and Economics, Linnaeus University-Växjö, Sweden, каде, покрај другото има прилика „од прва рака“ да се запознае со мерките за поддршка на иновациите, претприемништвото и „паметните градови“, како и со начинот на организирање на бизнис-инкубаторите и научните паркови во една од најиновативните земји во светот.

Неговата клучна експертиза е во областите на иновативниот маркетинг, истражувањата на задоволството на клиентите, стратегискиот менаџмент, претприемништвото и локалниот економски развој. Огромното консултантско искуство во овие области го стекнува преку испорака на голем број тренинзи и семинари, во кои има обучено над 1000 луѓе, потоа со реализација на преку 15 маркетинг истражувачки проекти, како и со експертското учество во изработка на десетина стратегии за локален/регионален економски развој, но и посебни секторски стратегии за поддршка на иновациите, претприемништвото и семејните бизниси, за развој на основното образование и др..

Вредноста на неговото професионално портфолио и експертиза, значително се зголемува благодарејќи и на:

  • академското искуство, кое го стекнува во периодот од 2008 до 2012 година, работејќи како асистент на Економскиот факултет при УКЛО-Битола, на катедрата за маркетинг менаџмент и бизнис, како и на Бизнис Академијата Смилевски-БАС – Скопје, каде е избран како стручен соработник по предметите: Вовед во бизнис, Маркетинг и Продажен менаџмент;
  • ангажманите на голем број проекти финансирани од домашни и странски донатори (пр.: ЕУ, УНДП и др.);
  • поседувањето практични вештини, стекнати низ работата како „менаџер за продажба“ и „менаџер за односи со клучни клиенти“ во неколку услужни и производни компании од приватниот сектор;
  • искуството во директното менаџирање со локалниот развој, стекнато во периодот од 2000 до 2005 година, кога бил член на Советот на општина Велес;
  • стекнатата позиција во Агенцијата за поддршка на претприемништвото на Република Македонија (АППРМ), каде од 2011 година е регистриран како советник-генералист во областите: маркетинг, истражување на пазарот, менаџмент, обликување, изработка и проверка на бизнис план;
  • кокреаторството на неколку иновативни проекти во областа на социјалното претприемништво, како што се: „Најуспешните студенти учат од најуспешните претприемачи“, „STUBRAND Macedonia“ и др., кои успешно се започнуваат и реализираат во периодот во кој Д-р Андреев е еден од сосопствениците на консултантската фирма „Центар за поддршка на бизнисите Висион Консалтинг“ – Скопје и Потпретседател на „Националната Асоцијација на Престижни Академски Граѓани-НАПАГ“, како и
  • авторството и коавторството на десетина истражувачки трудови, книги, учебници, прирачници и др., во областите на неговиот интерес.

Д-р Игор Андреев активно се служи со англискиот и српскиот јазик.