Внимавајте што ќе посакате. Може и да ви се оствари :-) !

За потребите, желбите и можностите (Втор дел)

 

ЗА ЖЕЛБИТЕ И МОЖНОСТИТЕ – Земајќи ги во вид сознанијата изнесени претходно, на крајот на првиот дел од овој текст се наметна прашањето „Што е тоа што, дополнително ни прави проблем и го намалува чувството на лична среќа кај повеќето од нас?“. Еден од можните и веројатни одговори произлегува од неспорниот факт, според кој, стекнувањето материјални добра и услуги одамна веќе не претставува само начин за задоволување на реалните потреби. Така на пример, поседувањето автомобил или летувањето во некоја туристичка дестинација, сѐ повеќе претставува и статусен симбол и еден од најважните сертификати за успешност на поединецот, добиен пред сѐ од неговиот микросвет што секојдневно го опкружува (пр.: роднини, пријатели, колеги и сл.), но и од пошироката средина, верифициран со бројот на лајкови на facebook, а не само начин за задоволување на реалните потреби за превoз и одмор. Па така, купувањето возило само за да не пренесе од една до друга локација, во новите времиња речиси да не брка работа. Односно, сите сакаме да имаме колку е можно полуксузен автомобил, а најново и џип, за да се покажеме „пред другите“. Или, и Грција не е веќе тоа што беше во однос на задоволувањето на потребата за летен одмор, па сѐ повеќе почнува да се зборува за Канкун, Куба, Доминикана…

Имајќи го ова во вид, логички произлегува заклучокот дека живееме во време на драстично зголемување на желбите на сите луѓе, што само по себе, воопшто не претставува проблем. Напротив. Зголемените желби и нашите континуирани напори за нивно остварување, преку стекнување повеќе материјални добра и подобрување на квалитетот на своите животи, се природна сила, која со тоа што не мотивира да се движиме кон постојан личен прогрес, му дава и смисла на нашето постоење. Всушност, оттаму и огромната популарност на добро познатите ликови, Златната Рипка и Дедо Мраз, специјално измислени за да ја играат улогата на исполнувачи на големите желби 🙂 , но и на банките, како институции кои ни овозможуваат „Да имаме, и кога немаме 🙁 ,“ па со нивна помош, секоја наша желба, дури и најнереално можната, за брзо време може да стане реалност 🙂 .

Па така, ако зголемените желби, самите по себе не претставуваат проблем, ситуацијата со личната среќа се комплицира заради тоа што кај повеќето од оние 80%, кои поседуваме само 20% од светското богатство, желбите значително ги надминуваат нашите реални можности за нивно исполнување. Сепак, водени од исклучително изразената потреба за „признание од средината“, често донесуваме нерационални одлуки за купување престижни производи како доказ за „нашата успешност“, иако, истите реално не можеме да ги поседуваме. Со тоа, почетните еуфорични задоволства, кои ни создаваат „фатаморгана ефект“ на брзо („преку трупа“) приближување кон повисоките скалила на пирамидата на Маслов, на среден и/или подолг рок (во моментите на соочувања со реалноста, кои се неизбежна појава), се претвараат во уште поголеми извори на незадоволства, разочараност и сл. При тоа, низ целиот овој период, единствена константа е сѐ поголемата популарност на потрошувачките банкарски кредити и континуираното зголемување на степенот на задоволство на акционерите на банките 🙁 .

Меѓутоа, иронијата на денешното живеење се состои во тоа што и голем дел од оние 20%, кои поседуваат 80% од вкупното богатство, имаат чести проблеми со чувството на среќа и задоволство од останатите животни области (пр.: се чувствуваат осамено; имаат работа која им носи пари, но не уживаат во истата; заработуваат прилично, но немаат доволно слободно време и сл.).

При тоа, со оглед на фактот што станува збор за индивидуи кај кои парите не се проблем, тие се обидуваат краткорочно да ги санираат овие состојби со купување работи за кои во најголем број случаи немаат реална потреба, или пак, ако и потребата е реална, истите се предимензионирани, се купуваат во огромни количини и сл.. Токму големите желби за стекнување нереално потребни, но најчесто престижни материјални добра, според психолозите и експертите за маркетинг, покрај тоа што служи за задоволување на огромната потреба за моќ и потврда на нивниот реално висок материјален статус, во исто време претставува и потсвесна реакција во функција на привремено ставање „под тепих“ и дефокусирање од другите, реални извори на лични незадоволства.

Заедничко и за двете групи е тоа што одлуките за купување на нереално потребните и/или на нереално можните материјални добра не се носат рационално, туку врз основа на емоции и импулсивно. Крајната цел е пред сѐ постигнување краткорочни задоволства преку обиди за санирање на симптомите (според принципот „купи ден-продај“), а не откривање и фокус на решавање на вистинските причини за внатрешните тензии, хроничните незадоволства и сл.. Тоа пак, создава опасност за влез во зависнички круг на купувања заради „бегство од реалните проблеми“, слично како и со сите други форми на зависност. А, сите знаеме дека од било каков зависнички круг тешко се излегува 🙁 . Па така, потрагата по лична среќа започнува да се врзува исклучиво со поседување материјални богатства, и тоа по секоја цена, што крајно доведува до…???…

…Затоа, мојата препорака е следна: Не ја поврзувајте среќата исклучиво со поседувањето материјални добра, стекнати по секоја цена, дури и кога истите не се реално можни и/или потребни. Или „креирате реални желби, за реални потреби, согласно вашите реални можности“. Не вреди да се мачите и да трпите голем број ситуации кои не ве прават доволно среќни (пр.: да работите работа која не ве исполнува, да немате доволно слободно време за себе и своето семејство, да превземате разни криминални активности и сл.) само за да ја докажете вашата успешност, преку стекнување статусни материјални симболи. При тоа, шансите за да бидете и успешни, но и среќни, драстично ќе ви се зголемат доколку растот на вашето материјално богатство (што е природна и легитимна цел на секој човек), произлезе како резултат и логичка последица на чесни работни ангажмани во кои уживате и целосно ве исполнуваат, но и доколку во другите животни области (пр.: здравје, рекреација, релации, образование, општествен придонес и сл.), во голема мера сте ги реализирале вашите лични цели. Всушност, што ќе ви се пари, без здравје? Или, доколку сте осамен, во огромна куќа со 20 соби? Или, пак пари стекнати на нечесен начин, за кои како што се вели, „не се со алал“ заработени? Или, не е така? Односно, кога се има пари, сѐ друго е полесно ?!?! Што мислите вие за ова…?!

…И, сосема за на крај, во контекст на претходно напишаното, ќе споделам една изјава која неодамна ја слушнав во филм и ми остави силен впечаток, а тоа е следната: „двете најлоши работи што може да му се случат на човек се: прво, да не го добие тоа што многу го посакува и второ, да го добие тоа што многу го посакува“, која всушност е поширока варијанта на онаа која веќе добро ја знаеме, а гласи: „Внимавајте што ќе посакате. Може и да ви се оствари 🙂 “.

Продолжува…

Со среќа, во потрагата по вашата лична среќа!

Игор Андреев

П.С.: Со дел од вас, се гледаме на некоја од следните обуки и/или менторски сесии!