Како до балансиран животен стил?
Сте слушнале ли за тн. 80/20 правило? Независно од вашиот одговор, во продолжение ќе прочитате за изворната примена на правилото, но и за моите препораки како да се употреби неговата логика, за промена на животната филозофија во насока на водење поизбалансиран, а со тоа и среќно-успешен живот.
Правилото за прв пат се промовира од страна на италијанскиот економист Вифлредо Парето (затоа се нарекува и Парето правило/принцип), кој во својот труд од 1896 година, констатира дека само 20% од популацијата, поседува 80% од вкупното земјиште во Италија. Од тогаш, па сѐ до денес тн. 80/20 правило или познато и како „закон за влијателното малцинство“ („the law of the vital few“) наоѓа примена во голем број научни области, во светот на бизнисот, но и во управувањето со нашите секојдневни животи. Всушност, од него произлегуваат добро познатите и многу експонирани „80/20 изјави“, кои даваат одговор за „20% од причините, кои влијаат на приближно 80% од ефектите“, како што се на пример следните:
- само 20% од населението поседува 80% од светското богатство, наспроти останатите 80%, во чија сопственост е 20% од богатството, како потврда за сѐ поголемиот јаз помеѓу малкуте, многу богати („влијателно малцинство“) и многуте, многу сиромашни („невлијателно мнозинство“),
- само 20% од клиентите во секој бизнис, придонесуваат за остварување на 80% од продажните резултати, како основа за тн. „АБВ анализа“ за да се откријат „топ клиентите“, на кои треба да им се посвети најголемо влијание за да се задржи нивната лојалност,
- само 20% од производите/услугите во било кој бизнис, се заслужни за 80% од профитот на фирмата,
- само 20% од нашите дневни активности, придонесуваат за остварување на 80% од нашите успеси/резултати,
- само 20% од купените чевли, се носат во 80% од секојдневните излегувања (ова важи, за женската популација 🙂 ), наспроти останатите 80%, кои се непотребно фрлени пари (или не се 🙂 ), итн., итн., итн…
Сега, откако се надевам ја разбравте логиката и основната намена на правилото, застанете за миг со читање и размислете за негова можна употреба и во голем број секојдневни животни ситуации. Добиените сознанија, во форма на „80/20 изјави“, запишете ги на лист хартија, па продолжете со читање, за да ги дознаете моите препораки за примена на слични принципи за постигнување лична среќа, што според мене претставува основен предуслов за успех, а не обратно. При тоа, голем број релевантни студии потврдуваат дека среќни луѓе се всушност оние, кои умешно балансираат со разните ситуации во сите најважни животни области: професија, кариера, пари, материјални добра, здравје, задоволства, слободно време, релации, семејство, општествен придонес и сл., што води кон уште поголеми успеси на сите полиња. Или, прифаќањето избалансиран животен стил е основа и почетен чекор за да се постигне долгорочен, квалитетен и исполнет среќно-успешен живот, како што впрочем е прикажано и на сликата:
Имајќи ја вид изворната намена на „80/20 изјавите“, се поставува прашањето: „како може тие да се употребат, во обидите за усвојување поизбалансиран животен стил?”. Според уникатниот пристап кој се промовира во овој серијал авторски текстови, за да се постигне оваа цел, се препорачува видоизменета примена на Парето принципот, според која: „во сооднос 80/20 треба да се искомбинираат двата екстремни избори кои ги имаме како опции, при носењето одлуки со кои секојдневно се соочуваме, за преку постигнување баланс во разните животни области, да си ги зголемиме шансите да бидеме среќно-успешни”. Во овој контекст, во продолжение се презентирани серија конкретни примери на „80/20 совети“:
- 80% од вашата енергија нека биде посветена на делување и живеење на животот во сегашноста, а остатокот од 20% распределете го помеѓу црпење искуства од минатото и правењето планови за иднината,
- 80% од вашето време, распределете го на развој на вашата кариера, трката по пари, моќ и сл., како и на поддршка на вашите најблиски (пр.: брачниот партнер, децата, родителите и др.), но нека ви остане и 20% слободно време за:
- вашето хоби, те. исклучиво за самите себе, за да го правите она во што најмногу уживате, затоа што и во Библијата се порачува: „сакајте ги другите, како што се сакате себе си“, при што, тоа не претставува себичност, туку напротив, избегнување на толку популарниот „концепт на жртва“, како и за
- активности со кои ќе придонесете за развојот на заедницата, оставајќи извесна подолготрајна трага од краткиот престој на овој свет,
- 80% од вашиот животен стил нека биде здрав животен стил, со јадење здрава исхрана, практикување разни спортски активности и сл., но дозволете си и 20% уживање, па имајте и периоди кои доминантно ќе ги поминете „ништо не работејќи“, денови во кои ќе каснете и 100% мрсна храна, парче торта и сл., потоа моменти во кои ќе ја поминете дозволената граница за консумирање алкохол и др.,
- кога ќе доживеете пораз, 80% од вашите емоции и мисли нека бидат насочени кон наредните битки и предизвици, спречувајќи го на тој начин запаѓањето во депресивна состојба, но сепак, оставете си 20% и за тага, затоа што и тагувањето е составен и корисен дел од нашите животи,
- во спротивна ситуација, кога ќе успеете во нешто, 80% од емоциите насочете ги кон спречувањето на „влезот“ во еуфорична состојба, со што ќе си ги зголемите шансите да останете „цврсто на земја“, но сепак, со останатите 20% радувајте сѐ, изразувајќи среќа од постигнатите резултати,
- со 20% од вашите енергетски капацитети, анализирајте го опкружувањето во кое живеете, вашите конкуренти, колеги на работа, познаници и сл., но 80% од енергијата трошете ја за самите себе, за сопствениот личен раст и развој, независно од случувањата „надвор од вас“,
- 80% од конверзацијата со останатите луѓе потрошете ја на „активно слушање“, а само 20% на зборување и упорно докажување („по секоја цена“) на исправноста на личните ставови,
- итн., итн., итн., итн., итн.,…
Има уште многу примери, нели?
Продолжува…
Со среќа, во потрагата по вашата лична среќа!
Игор Андреев
П.С.: Со дел од вас, се гледаме на некоја од следните обуки и/или менторски сесии!