Приказната за кокошката и нојот

Зошто најкупувани се јајцата од кокошка, а не тие од ној?

Денес не е важно само да се произведе добар и квалитетен производ/услуга. За истиот мора да дознаат и вашите потенцијални клиенти, со што ќе се зголемат шансите да донесат одлука за негово купување. Или, подеднакво важна е и промоцијата на производот/услугата. За да се сфати нејзиното значење, со вас ќе ја споделам клучната поента од приказната за кокошката и нојот, која често ја раскажувам на обуките, а истата ми остана во сеќавање, од предавањата на еден од моите професори по маркетинг.

Всушност, поентата произлегува од одговорот на прашањето од насловот на текстот. Имено, и покрај тоа што јајцата од ној се многу поголеми, а претпоставувам и поубави и поквалитетни од кокошкините (ова не можам да го тврдам, затоа што никогаш не сум ги пробал), тие се помалку барани, а клучната причина за тоа, според оваа приказна, произлегува од разликите во однесувањето на нојот и кокошката при нивното снесување. Па така, сите знаеме дека основна карактеристика на однесувањето на нојот е поврзана со „пикањето на главата во земја“, наспроти она на кокошката, која при снесувањето „кокодака/вреска“ на цел глас: „купете од мене“, и тоа со глава исправена „над земјата“!. Има разлика, нели?!

При тоа, разликата можеби и не е во „невикањето“ на нојот, туку во тоа што, главата му е „забиена длабоко во земја“, па и „да вика“, „никој не може да го слушне“!!!. Сепак, пред да започнете да се промовирате/„да викате“, и тоа со главата „над земја“, запаметете ги следниве неколку значајни стратегиски правила за успешна промоција:

Правило број 1: Не зборувајте/„не викајте“, сѐ додека немате што да кажете!

Правило број 2: Не постои побрз начин да уништите лош производ/услуга, од неговата агресивна промоција!

Правило број 3: Делата зборуваат погласно од самите зборови!

Правило број 4: Задоволните клиенти претставуваат бесплатна и најефективна промоција!

Правило број 5: Лошиот глас, патува со поголема брзина и подалеку од добриот глас! Особено во денешно време на интернет, социјални мрежи и мобилни телефони!

Со успех, во градењето на вашата уникатна бизнис-приказна!

Игор Андреев