Во овој текст решив да пишувам за една од теориите која го одбележа 20-тиот век и за нејзината поврзаност со концептот на успех и лична среќа. Според насловот, сигурно погодувате дека станува збор за Ајнштајновата теорија за релативност, чија „сложена едноставност“ е доказ за неговата генијалност и потврда на тоа дека „едноставноста, всушност е најсложена“. Или, долг и тежок е патот што треба да се изоди за да се стане и остане едноставен, и покрај професионалните и/или релациски (не)успеси, (не)стекнатите материјални богатства, социјален статус и сл. Но, истиот вреди да се започне да се оди. Имено, и според светски признатиот македонски невропсихијатар Д-р Чепреганов, само доколку се разбере суштината на оваа теорија, според која „сѐ е релативно“, ќе се зголеми веројатноста да се стане вистински среќен човек. Тоа пак од друга страна е „sine qua non“ за да се биде и едноставен човек, без внатрешни тензии, фрустрации и сл., со значително зголемени шанси за среќно-успешен живот и доживување квалитетна долговечност.
За да се разбере зошто е ова така, ќе започнам со презентација на една од најцитираните изјави на самиот Ајнштајн, кој во обидот преку едноставни примери да ја објасни и на пошироката јавност суштината на неговата теорија, на прашањето: „Што е релативноста?“, го дал следниот одоговор: „Кога маж се наоѓа во друштво на убава жена, еден час му се чини дека траел само една минута. Но, ако го ставите да седи на загреана рингла, тогаш, една минута ќе му се види подолга и од еден час. Ете, тоа е релативноста!“
Надоврзувајќи се на оваа негова изјава, и голем број други поединци се обидуваат да ја дефинираат релативноста, на сличен начин. Еве, некои од нивните објаснувања: „Едно влакно на главата е релативно малку, но едно влакно во супа е релативно многу 🙂 !“, или: „Ако го ставите човек на рингла, загреана на температура од 10°C, ќе каже: „извадете ме побргу, жешко е!“. Но, ако го ставите на рингла, чија температура е 50°C, тогаш ќе извика: „вратете ме назад, на претходната рингла! Таму беше супер 🙁 !“ И така, со секоја наредна повисока температура!“
Ајде сега, имајќи ги во вид горните дефиниции за релативноста, да се префрлиме на нашата тема за успесите, среќата и сл., поставувајќи ја следнава дилема: „Што е успех од аспект на заработка на пари и материјални богатства?“. При тоа, ќе тргнеме со следниот почетен одговор „успех е да се спечалат 10.000 долари годишен приход“, што според логиката на релативноста, во исто време е и коректна, но и погрешна констатација, бидејќи овој износ е повеќе од 0, 3.000 или 5.000 долари, меѓутоа истиот е за 10 пати помал од годишна заработка од 100.000 долари?! Но, што ако ни се потрефило, па преку Fake Трамп News, дури и од Велес, за „релативно“ брзо време (намерно и тука го употребив зборот „релативно“ 🙂 ) успееме да заработиме неколку стотици илјади долари (мене, за жал не 🙁 , а баш би сакал 🙂 ), со што се релативизира и чувството за успех постигнат со годишна заработка од 100.000 долари?! Или, уште повеќе, што правиме со ова чувство, мерено во однос на приходи кои се изразуваат во милиони, милијарди…долари?!
Сличен е муабетот и за релативноста на успехот, мерен преку поседувањето станови, куќи, викендици, автомобили и сл. Имено, да поседуваш еден еднособен или двособен стан/куќа е многу во споредба со тоа да живееш под кирија (иако, според Еуростат, луѓето во дел од најбогатите европски држави, како на пример Германија, се на дното на листата во однос на поседување сопствени живеалишта, во споредба со оние во дел од посиромашните пост-социјалистички региони, како Балканскиот, те. речиси половината од германците живеат под кирија 🙁 ?!) http://faktor.mk/kolkav-protsent-od-evropejtsite-zhiveat-vo-sopstven-dom. Но, тоа е малку во однос на поседување еден трособен, четворособен, петособен стан и сл., а ептен помалку од сопствеништвото на три, четири, пет и повеќе двособни, трособни, петособни станови, цели згради, викендици и сл., посебно ако дел од нив се и во главниот град или во некоја позната туристичка дестинација…?!.
Понатаму, успех ли е да се поседува просечен автомобил, со кој всушност се купува само слободата за превоз од место А, кон место Б, во секое време, но не и општествениот статус? Одговорот е да, тоа е успех, мерено во однос на тоа да ја немаш таа слобода, затоа што не поседуваш сопствено возило (иако и за задоволување на оваа потреба, во голем дел од поразвиените земји сѐ повеќе се зголемува популарноста на јавниот превоз, велосипедите и сл.). Но, во споредба со можноста да поседуваш престижно BMW, па уште ако е и џип Х6 е ништо!. Меѓутоа, и X6 не брка работа, во споредба со Bentley, сопствена јахта, авион и сл…?!
Која е клучната порака која преку примерите презентирани на овој начин, сакам да ја пренесам? Таа гласи: „сѐ е релативно“, вклучително и успехот и личната среќа на секој од нас. При тоа, при креирањето на сопствените чувства за успешност, многу важно е да се има во вид, во однос на што се мерат нашите постигнувања, особено во делот на стекнувањето материјални добра, но и на образовните и кариерните успеси и сл.. Моја препорака е, тие да се мерат пред сѐ, во однос на почетната позиција од каде ние сме стартувале, а не во споредба со моментното скалило на кое се наоѓаат другите луѓе!
За да ви помогнам во креирањето на вашиот став за (не)прифаќање на овој совет, ќе го презентирам следниот пример. Имено, ако на скала од 1 до 100, ние сме стартувале од 20-та позиција, а за некој временски период сме се придвижиле на 35-та скала, тоа значи дека имаме личен раст од 75%. Доколку, за истиот овој период, некои поединци од опкружувањето, кои стартувале од 80-та скала, паднале на 40-та позиција, тоа значи дека тие и покрај нивниот пад од 50% сеуште се наоѓаат пред нас. Имајќи го ова во вид, размислете: „дали ова треба да биде причина за задоволство или пак за разочараност, фрустрации и сл.?“. Одговорот, барем за мене е премногу едноставен и истиот нема потреба да се дообјаснува, но оставам на секој од вас да си креира свој став, согласно индивидуалните убедувања.
Или, да резимирам: Според мене, за да се зголеми моментното чувство на лична среќа, никогаш не треба да се заборави од каде сме тргнале, при што, најважно од сѐ е да се чекори по сопствениот пат, задржувајќи задоволително, но пред сѐ континуирано темпо на личен развој (ова е и една од клучните причини, поради кои насловот на целиот серијал е „Брзај полека“). При тоа, за да се зголемат шансите ова да се запамети и остане во долготрајната меморија на сите што ќе го прочитаат овој текст, го препорачувам советот на еден од моите животни ментори, според кој на прашањето: „Како сме денес?“, одговорот секогаш треба да гласи: „Подобри од вчера, но полоши од утре!“.
Всушност, со прифаќањето и примената на овие совети во секојдневното живеење, значително ќе се подобрат шансите да се биде задоволен и среќен од она што смѐ, и што го имаме денес, задржувајќи ја при тоа и континуираната, природна желба за подобро и повеќе…
Продолжува…
Со среќа, во потрагата по вашата лична среќа!
Игор Андреев
П.С.: Со дел од вас, се гледаме на некоја од следните обуки и/или менторски сесии!