За потребите, желбите и можностите (Прв дел)
Во претходните текстови, се заклучи дека една од причините за намалување на степенот на лична среќа на нашите генерации е драстичното зголемување на видот, количината, но и интензитетот на дразбите кои доаѓаат од надворешното опкружување. Имено, широкиот пристап до интернет, социјалните мрежи и мобилната комуникација, ги зголеми до неограничени размери можностите за „корисни“, но и „штетни споредби“ со останатите луѓе, буквално од целиот свет. При тоа, доминантноста на „штетните споредби“, како и огромниот и константен притисок за задоволување на наметнатите и сѐ повисоки норми за успешност креирани „од надвор“, доведе до ситуација која резултира со зголемени внатрешни тензии, лични фрустрации и сл., и создавање армија од „успешно несреќни“ поединци. Парадоксот на денешницата е уште поголем, доколку се земе во вид фактот дека оваа состојба на хронични незадоволства, депресии и сл. станува секојдневие, во услови во кои сите ние без исклучок, имаме многу повеќе од нашите предци.
Во скромниот обид за посуштинско откривање на генезата за овие состојби, во текстот кој следува ќе пишувам за уште еден од ефектите произлезен како резултат на притисоците на опкружувањето во кое денес живееме, а тоа е сѐ поизразениот јаз кој постои помеѓу нашите неограничени желби, од една страна и реалните животни потреби и/или можности за нивно остварување, од друга страна. Сте размислувале ли досега за клучните разлики помеѓу овие поими? Или за тоа, дали и во што се разликуваат потребите, желбите и можностите на луѓето денес, во однос на оние во минатите времиња? Дел од одговорите на овие прашања, следуваат во продолжение…
ЗА ПОТРЕБИТЕ – Задоволувањето на сопствените потреби претставува основен мотив на секој човек за превземање акција, што за целта на овој текст означува одлука за избор и купување разни производи и/или услуги. Ова е суштината и најкраткиот начин на презентација на еден од најпопуларните и барем теоретски едноставен модел за однесување на луѓето, или тн. потреба-мотив-акција модел. Всушност, пронаоѓањето на одговорите на прашањето „Што е тоа што се случува во човечкиот мозок или во неговата тн. црна кутија (black box), од моментот на појава на потребата, до чинот на купување и употреба на производот/услугата, но и проценка на степенот на (не)задоволство од истиот?“, е предмет на сѐ поголем интерес на научната јавност во сферата на економијата, маркетингот, психологијата, социологијата и сл., но и на медицината и голем број други природни науки, бидејќи на крајот на краиштата, сѐ почнува и сѐ завршува со оваа приказна.
При тоа, не треба да се биде премногу мудар за да се заклучи дека потребите на луѓето и пред 100 години, но и денес, во голема мера се исти. Или, и тогаш и сега, сите ние имаме основни потреби кои мора да ги задоволиме за да го обезбедиме својот физички опстанок (пр.: храна, здравје, одмор и сл.), по што, во хиерархијата на потреби според светски признатиот психолог Абрахам Маслов, следуваат потребите за сигурност, безбедност и чувство на припадност (пр.: живеалиште, семејство, љубов, пријатели и сл.). На претпоследното скалило на оваа пирамида се потребите за признание од средината, моќ, социјален статус и сл. (тие се посебно интересни за целта на овој текст), а сосема на врвот се оние за целосна самореализација, те. обид за максимално искористување на личниот потенцијал и оставање повидлив и потраен белег од краткиот временски престој на овој свет.
Се разбира, во најновата верзија на Масловата хиерархија на потреби, на основното и најважно ниво, дури и пред потребата за храна, е ставена онаа за поседување WiFi мрежа/пасворд за интернет, како и за наполнета батерија на нашиот мобилен телефон 🙂 ! Не ми верувате?. Потсетете се, само што е тоа што ви e најважно кога се сместувате со собата или кога доаѓате првиот ден на плажа за време на летниот одмор 🙂 ?. И…?! По ова, сигурен сум оти се убедивте дека во денешниве времиња без храна и ќе издржиме некако, но без WiFi и со празен мобилен, тешко 🙁 ?
Ок. Откако се надевам ја сфативте суштината на хиерархијата на потреби на Маслов, сега, пред да продолжите со читање, запрете за миг и размислете за тоа, каде се наоѓате вие на оваа пирамида? Се движите нагоре, надоле, стоите во место, или…? Дополнително, обидете се да си ги одговорите истите прашања и за најголем дел од луѓето во вашето неспосредно опкружување. Верувам дека реалните одговори, во голема мера ќе ви ги прошират хоризонтите на размислување во насока на откривање на мотивите за вашите и нивните мометни однесувања, вклучително и при купувањето разни производи/услуги, потоа за можните причини за личните (не)задоволства и внатрешни тензии, кои најчесто произлегуваат од вашите незадоволени потреби и сл. Всушност, тоа е и една од клучните цели на овој серијал авторски текстови.
Продолжуваме понатаму. Ако погоре констатиравме дека потребите на луѓето отсекогаш биле и сеуште се исти и непроменети, тогаш се отвара дилемата: Што е тоа што е денес сменето? Одговорот е, начините, те. опциите за избор за задоволување на овие потреби. Имено, денешната огромна понуда на нови и иновативни производи наменети за сечиј џеб, ги зголеми во значителни размери можностите за задоволување на сите човечки потреби. Па така, и голем дел од оние 80% од населението, кои го поседуваат само 20% од светското богатство, речиси без проблем, може да ја задоволат потребата за комуникација, со купување најнов модел мобилен телефон и употреба на апликациите како viber, messenger и сл. Или, за разлика од минатите времиња, денес, поседувањето автомобил како начин за задоволување на потребата за превоз од една до друга дестинација, веќе не е привилегија само на малкумина. Всушност, оттука и произлегува констатацијата изнесена во претходните текстови дека сите ние, без исклучок, имаме многу повеќе од нашите предци. И, доколку работите се погледнат од оваа перспектива, би требало да сме посебно среќни што живееме во овој историски период од цивилизацискиот развој.
Но, бидејќи самите сме сведоци дека ова не е случај кај повеќето од нас, се поставува прашањето зошто е тоа така? Или, има ли и други можни причини, покрај претходно наведените, коишто дополнително придонесуваат за оваа состојба? Еден од веројатните одговори, поврзан со зголемувањето на начините за задоволување на нашите потреби е тн. „парадокс на изборот“, според кој, колку повеќе опции за избор постојат, толку сме понезадоволни со нашата донесена одлука 🙁 . Всушност, често пати ова го констатираме и во нашите секојдневни разговори, кога знаеме да го истакнеме нашето задоволство од драстично зголемените опции за избор кои ги имаме денес, но од друга страна и незадоволството заради енормното засилување на нашите стравови од правење грешки при донесувањето на конечните одлуки. Ова, особено кога станува збор за стратегиски важни животни прашања, купување на поскапи производи и/или услуги кои имаат и статусно значење и сл..
Па така, според советите на Бари Шварц кој го открил овој феномен, за да се зголеми задоволството од определена одлука, потребно е да се обидеме да го стесниме бројот на опции помеѓу кои го правиме финалниот избор, кои со маркетиншки речник искажано, го сочинуваат тн. „evoked set“. Солуција, која ние како секојдневни купувачи на разни производи и/или услуги, но и во разни други животни ситуации и ја практикуваме, само што не сме свесни за тоа. Што мислите вие за овој парадокс на денешницата? Има логика или…
Толку во првиот дел. Во вториот дел од овој текст ќе пишувам за врската помеѓу потребите, можностите и желбите за поседување статусни материјални добра, и какво е нивното меѓусебно влијание врз степенот на нашата лична среќа…
Продолжува…
Со среќа, во потрагата по вашата лична среќа!
Игор Андреев
П.С.: Со дел од вас, се гледаме на некоја од следните обуки и/или менторски сесии!